Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја повика меѓународната заедница да ја признае де факто поделбата на Кипар, односно воено отцепениот турски дел како држава.
Турција го окупираше северен Кипар во 1974 година како одговор на неуспешниот државен удар на кипарските грчки националисти кои сакаа да го обединат со Грција.
Република Кипар, членка на Европската Унија, има де факто власт на југ, додека „Турската Република Северен Кипар“ е воспоставена на север, признаена само од Анкара и под меѓународно ембарго, објави Бета-АФП.
„Целосно ја поддржуваме визијата заснована на решение за две држави“, рече Ердоган на 51-годишнината од турската инвазија на северниот дел од Никозија, кој е под контрола на Турција.
„Време е меѓународната заедница да ја прифати реалноста на терен“, рече Ердоган, повикувајќи на крај на изолацијата на „Турската Република Северен Кипар“.
„Треба да се воспостават дипломатски, политички и економски односи со таа (отцепена) република, а неправдата што ја трпеа кипарските Турци со децении конечно мора да заврши“, рече тој.
Пред три дена, лидерите на Кипар и Турците на островот одржаа разговори во Њујорк, кои ОН ги опишаа како „конструктивни“.
Иако само Анкара е за решение – две држави, состанокот на двете страни во Женева во март го означи она што тогаш беше опишан како „значаен напредок“ кон продолжување на разговорите за повторно обединување на Кипар, кои се замрзнати од 2017 година.