ЕП ја критикува Полска дека ги крши правата на човекот со забраната на абортусот

Од:

Со речиси целосната забрана на абортусот Полска ги загрозува животите на жените и им го нарушува физичкото и менталното здравје, предупредија членовите на Европскиот парламент.

Пресудата на полскиот Уставен суд за забрана за абортусот во речиси сите случаи, освен при силување и инцест, како и кога е загрозен животот на мајката, го доведува во прашање и почитувањето на човековите права на жените. Со оваа пресуда, исто така, се наруши владеењето на правото во Полска, истакнаа европратениците и претставниците на ЕУ на дебатата на пленарната седница, пренесе Хина.

Претставникот на португалското претседателство со Советот и државната секретарка на Португалија за европски прашања, Ана Паула Закаријас, го истакнаа прашањето за родовата еднаквост во случајот на полското законодавство.

-Иако ЕУ не е надлежна да одлучува за правото на абортус, треба да се има предвид дека правата за сексуално и репродуктивно здравје се основа за почитување на родовата еднаквост и човековите права, рече Закаријас.

Според многу пратеници, одлуката на полската Влада за забрана за абортусот докажа дека не се залага за благосостојба на жените, ниту за родова еднаквост.

-Тоа е влада што сака да задржи монопол врз вистината, да го прогонува сопствениот народ и да ги контролира одлуките на жените, рече Франсис Фицџералд од Европската народна партија (ЕПП).

Потенцијалната опасност од ваквата политика лежи во фактот дека оваа одлука ќе ги принуди жените да вршат абортуси без професионален здравствен надзор, предупредуваат некои пратеници.

„Докажано е дека забраните не доведуваат до помалку абортуси, туку до повеќе такви што се изведуваат во небезбедни услови“, рече членот на комитетот за правата на жените и родовата еднаквост, социјалдемократот, Предраг Фред Матиќ.

-Полска повторно ги турка своите граѓани да бидат дел од оваа тешка и поразителна статистика, нагласи Матиќ.

Европскиот комесар за еднаквост, Хелена Дал, истакна дека 98 проценти од досегашните абортуси сега ќе станат нелегални.

Романскиот конзервативец Кристијан Терхеш од Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) застана во одбрана на полскиот Уставен суд, нагласувајќи дека сите зборуваат за правото на жените на абортус, но не и за правото на живот на неродените деца.

Полска е претежно католичка земја и има еден од најстрогите закони за абортус во Европа, што ја прави се почест центар на протести и собири на незадоволни граѓани.

Масовните протести во Полска почнаа на 22 октомври кога Уставниот суд, реформиран од владеачката ултра-католичка Партија на законот и правдата (PiS), во согласност со нејзините желби, забрани абортуси во случаи на тешки деформации на фетусот, одлучувајќи дека е неуставно.

Би можело да ве интересира

Захарова: Американската противракетна база во Полска е приоритетна цел

Русија: Новата американска база во Полска долго време е на списокот за потенцијално уништување

Туск: Телефонската дипломатија не може да ја замени вистинската поддршка за Украина

Горан Наумовски

Полска го гради „Источниот штит“, се градат бариери, бункери, ровови и мински полиња

Дуда: Полска ќе ги пренесе авионите МиГ-29 во Украина доколку НАТО ги префрли авионите во полските бази

Хавковски: Зеленски сака Полска да соборува ракети над Украина