Амбасадата на Еквадор побара од британските власти гаранции дека Џулијан Асанж нема, од Шведска, да биде префрлен во САД. Дипломатската мисија на оваа јужноамериканска земја, во координација со Министерството за надворешни работи во Кито, во своето барање вели дека Еквадор „ќе помогне при екстрадицијата на Асанж“ во Шведска, каде овој поранешен австралиски хакер е обвинет за силување и секусуално насилство врз две жени.
Ваквата понуда на еквадорските власти би можела да помогне за разрешување на „случајот Асанж“, што веќе ден месец ја преокупира дипломатијата на оваа земја. Основачот на Викиликс, од крајот на јуни живее во зградата на Амбасадата на Еквадор во Лондон, откако избега од станот во кој живееше според одрдебите на условната слобода, со кауција, додека не се разреши процесот околу неговата екстрадиција и во еквадорската амбасада побара политички азил. Бегството во амбасадата се совпаѓа со одлуката на британскиот Врховен суд да ја потврди пресудата на Асанж тој да им биде предаден на сведските власти.
Австралијанецот кој живееше во Велика Британија, од почетокот на случајот тврди дека обвинувањето во Шведска „му е наместено“ и дека тој всушност се суди за нелегалното објавување на тајните и доверли документи на американскиот Пентагон и Стејт департментот. Асанж и неговите британски адвокати тврдат дека тој од Стокхолм ќе биде префрлен во САД, за да му се суди за „предавство“ за што, како се вели, би можел да биде осуден и на смрт.
Оваа недела беше обелоденето дека Асанж го ангажирал познатиот шпаснски адвокат Балтазар Гарзон, експерт за човекови права, да спречи екстрадиција во Шведска. Гарзон беше во Лондон и во Амбасадата на Еквадор се сретна со Асанж, но не се знае дали барањето на еквадорската Амбасада за гаранции, е направена во договор и со шпанскиот адвокат.
Министерството за надворешни работи на Еквадор претходно соопшти дека решение за случајот со Асанж ќе биде донесено по завршувањето на Олимпијадата во Лондон.