Експлозиите кои одекнаа во понеделникот за време на маратонот во Бостон се организирани од еден или повеќе Американци, кои ја мразат Владата, тврди Џон Холсман, меѓународен аналитичар по надворешна политика во интервју за романскиот информативен сајт Заире.
Според Холсман, до ваквата теорија дошол поради повеќе факти, дека никој досега не ја презел одговорноста за нападот, кој беше извршен на т.н. Даночен ден, крајниот рок за поднесување на даночните декларации во САД. А во прилог на ова се повикува и на фактот дека бројот на загинатите е многу помал од тој на ранетите, со што се наведува на помислата дека тој не е организиран од меѓународна терористичка организација.
– Врз основа на моето искуство на темата борба против тероризмот од времето кога бев во Вашингтон, можам со сигурност да кажам дека не станува збор за терористички напад на меѓународна организација. Клучот е датумот, на кој беше организиран нападот – 15 април, односно Даночниот ден, кога американскиот граѓанин треба да ја предаде декларацијата за своите приходи, врз основа на кои ги плаќа даноците. Доколку бев иследник ќе барав некој, кој е против даноците или против Владата, член на групациите, кои сметаат дека американската Влада нема никакво право да собира даноци – вели Холсман.
Тој истакна дека никој не ја презел одговорноста за нападот, што не би се случило доколку организаторот е Ал Каеда, или друга странска терористичка организација.
– Од гледна точка на терористите за успешен се смета нападот во кој има многу жртви. Тоа е уште еден знак дека не станува збор за напад, каков што би организирала Ал Каеда, туку за напад извршен од група аматери – рече Холсман.
Тој потенцира дека САД отсекогаш се соочувале со насилство кое е политички мотивирано, напоменувајќи дека повеќе американски претседатели биле убиени, а врз многу други политички лидери се извршени обиди за атентат.