Евентуалното заминување на Велика Британија од Европската унија би и одговарало на Русија, бидејќи ќе ја ослабне Унијата, сметаат чешките аналитичари.
Тие се согласуваат дека т.н. Брегзит може да ја разниша Европската заедница и да го стимулира заминувања на други држави, што би било почеток на крајот на европскиот блок, јави дописникот на МИА од Прага.
– Јасно е дека, победникот на Брегзит ќе биде Русија на Путин. Ослабена ЕУ, веќе измачувана од внатрешниот раздор и несигурност – што повеќе може да посака Кремљ, вели поранешниот чешки амбасадор во САД и Москва Петр Колар.
Политикологот Ленка Ровна смета дека тоа би ја ослабело и самата Велика Британија.
– Ниедна голема земја во Европа не може без Унијата да игра важна улога. Токму нејзината улога во ЕУ, а со тоа и ефектот на ЕУ како целина и дава сила и неа, вели Ровна, која е потпретседател за европски прашања на Катедрата на западноевропските студии на Факултетот за општествени науки.
Двајцата експерти се согласуваат дека доколку дојде до „тесно„ одбивање на членството во Унијата, тоа нема да значи излегување од Унијата, туку напор за договарање за понатамошни британски отстапки.
Ровна смета дека процесот за излегување од ЕУ остава простор за почнување на „нов бран на национализам во Европа, со можни катастрофални последици, кои Европа добро ги познава од историјата“.
Според Колар, исто така, се отвораат многу прашања што ќе биде во иднина со односите меѓу ЕУ и Обединетото Кралство.
– Би било како со Норвешка? Или како со Швајцарија? Или нешто сосема друго?, вели Колар.
Ровна изразува стравувања дека може да дојде до промени во однос на постапувањата со граѓаните на Чешка, со воспоставување на било какви квоти или ограничувања за нивниот влез и работа.
Двајцата политиколози се согласуваат дека е најдобро Велика Британија да остане во Унијата иако и таа има повеќе „грешки“.
Чешките политичари исто така го поддржуваат останувањето на Велика Британија во Европската унија, оценувајќи дека нејзиното излегување ќе ја оштети Унијата и тоа би се одразило и на чешките граѓани кои живеат во таа земја.
Тие исто така стравуваат од дополнителна поделба на европскиот блок и предизвикување на слични референдуми во други земји.
Референдумот за останување на Велика Британија во ЕУ ќе се одржи на 23 јуни.