Еко-активистот Себастијао Салгадо, кој со години работи за обнова на прашумите во бразилската Амазонија, побара половина милијарда евра за повторно пошумување на 12 милиони хектари уништена прашума.
– Шумите се белите дробови на нашата планета. Кога тие исчезнуваат, и воздухот исчезнува. Бразил има потреба од повторно пошумување на 12 милиони хектари уништена шума, што би чинело над 500 милиони евра, но и би значело поповолни услови за 400.000 семејства во Бразил, рече меѓу другото еко-активистот, кој вчера одржа предавање во Музејот на природата во Берлин, Германија.
Салгадо инаку, e фоторепортер, документарист и добитник на бројни награди поради својата работа во областа на заштитата на животната средина и сториите на оваа тема. Од 2001 година, тој е и амбасадор на добра волја при УНИЦЕФ. Неговиот повик претставува нова фаза во борбата за заштита на бразилските прашуми, каде досега фокусот бил на зачувување на постоечките шуми, но не и на повторно пошумување.