Турција го задржува кандидатскиот статус за членство во ЕУ, соопшти денеска Европската комисија, откако Австрија повика за прекин на преговорите за присоединување поради „недоволна демократија во земјата по неуспешниот обид за пуч“.
Австрискиот канцелар Кристијан Керн вчера повика на средба за иднината на пристапните преговори на Турција. Тој смета дека Турција веќе не е кандидат за членство во ЕУ и „мора да се прифати реалноста дека пристапните преговори со Анкара во моментов се само дипломатска фикција“.
Истовремено, министерот за обрана на Австрија Ханс Петер Доскоцил отворено побара итна суспензија на пристапните преговори на ЕУ со Турција.
– Се укажува на воспоставување диктатура, а таква држава во ЕУ нема што да бара, истакна Доскоцил.
Портпаролката на ЕК, Мина Андреева меѓутоа денеска нагласи дека ништо не е сменето во кандидатскиот статус на Турција за членство, додавајќи дека земјата треба да се придржува кон вредностите на ЕУ.
– Напредокот во преговорите за членство се одредува преку повеќе услови, меѓу кои почитување на владеењето на правото, човековите права и основните слободи, додаде Андреева.
Околу 26.000 луѓе беа притворени во Турција по 15 јули, а десетици илјади државни службеници се отпуштени од работа. Турција е кандидатка за членство во ЕУ од 1991 година, но нејзиното зближување со Унијата оди бавно.