Европската Комисија започна прекршочна процедура против Австрија поради индексација на семејниот надоместок за граѓаните на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
Одлуката на Австрија, која стапи на сила на 1 јануари, да воведе индексација на семејните надоместоци и даночните олеснувања ја крена Европската Комисија на нозе.
Со ваквата одлука, надоместоците за семејствата ќе се пресметуваат во зависност од државата во која се наоѓа нивното дете, што значи дека бројни граѓани на ЕУ кои работат во Австрија, а имаат дете во друга држава на ЕУ ќе добиваат различен надоместок зависно од таа држава и покрај тоа што тие ги плаќаат истите даноци и придонеси како другите граѓани на Австрија.
Европската Комисија оцени дека ова не е во согласност со правото на ЕУ.
-Нашиот заеднички пазар се темели на правичност и еднаков третман, во ЕУ нема работници од други класи. Ако мобилните работници плаќаат исти придонеси за социјално осигурување како локалните работници тогаш треба да имаат еднакви надоместоци дури и децата да им живеат во друга земја, изјави Маријан Тејсен, еврокомесарка за социјални прашања.
Европската Комисија ја започнува сега првата фаза на прекршочната процедура, која се состои од испраќање формално писмо до засегнатата земја. Австрија има сега два месеца да одговори на преокупациите на ЕК. Доколку тоа не го стори, се преминува на втората фаза. Ако и тогаш Австрија не се усогласи со правото на ЕУ, ЕК ќе се сврти кон Европскиот Суд за Правда.