Европската комисија ја пријави Словенија пред судот на Европската унија во Луксембург поради спорот во однос на криминалистичката истрага во словенечката Централна банка од 2016 година, кога беше запленет дел од документацијата на Европската централна банка (ЕЦБ), кој не беше дел од истрагата.
– Поднесена е пријава до судот на ЕУ и сега е во негова надлежност да одлучи за основаноста на случајот, изјави извор од ЕК за словенечката агенција СТА.
ЕК во јануари одлучи да покрене судска постапка против Словенија, откако прашањето за документацијата и компјутерската опрема на ЕЦБ, одземени при претресот, не се решени во билатералните контакти и во соработка со ЕЦБ.
Еврокомисијата предметот го проследила до судот, повикувајќи се на член од Лисабонскиот договор кој зборува за потребата од лојална соработка на членките на ЕУ со нејзините установи. ЕК, исто така, се повикува и на статусот и привилегиите на ЕЦБ, заштитени со протоколот седум.
Словенечката Влада и државното правобранителство тврдат дека во конкретниот случај полицијата постапила согласно правилата и прописите.
Во ЕК велат дека постапката ќе ја следат со големо внимание, бидејќи станува збор за „значаен преседан“, кој би можел да се повтори и кај други членки. Колку ќе трае постапката против Словенија зависи од тоа дали предметот ќе има приоритет или ќе оди по редовна постапка, појаснува СТА.
Доколку Судот пресуди против Словенија, тогаш Комисијата може да покрене постапка против словенечката Влада и да побара парична казна или паушален износ.