Европската комисија одлучи да се прекинат работите на изградбата на Јужен поток на територијата на ЕУ се додека не се ревидираат билатералните договори кои Русија ги постигнала со земјите-членки, а за Бугарија постои ризик од тужба доколку не ја почитува одлуката, изјави денеска Сабине Бергер, портпаролка на еврокомесарот за енергетика Гинтер Етингер.
– Нашиот став е јасен: Јужен поток не е согласно Третиот енергетски пакет и со европските правила за конкуренција, внатрешен пазар и јавни набавки, истакна Бергер на прес-конференција во Брисел.
ЕК најави дека од Бугарија било официјално побарано информација за почеток на градежните работи на гасоводот во Црно Море, што е прв чекор кон поднесување пријава со Европскиот суд во Стразбур.
Бугарија тврди дека со тоа не ги прекршува правилата на ЕУ, бидејќи работите се изведуваат во меѓународните води, но Комисијата заземала спротивен став.
– Сите инфрастриктурни проекти и инвестиции мора да бидат согласно законите, потенцира Бергер.
Доколку Европскиот суд ја добие тужбата и пресуди во корист на ЕК, Бугарија ќе мора да ги прекине работите на изградбата на Јужен поток или да се соочи со тешки финансиски казни.