Европската комисија го оквалификува денеска како „билатерално прашање“ одбивањето на грчките власти да ја примат австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл Лајтнер да дојде во посета на земјата.
– ЕК има цел да ја спречи хуманитарната криза во Грција посочи портпаролот на комисиујата Наташа Берто. Таа истакна дека според податоците добиени од грчкиот министер за одбрана во земјата има околу 25.000 мигранти, а дневно, според податоците на ЕК, приистигнуваат по две до три илјади нови емигранти.
Инаку, официјална Атина го одби барањето на австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл-Лајтнер да ја посети Грција следната недела, во услови на растечки тензии меѓу двете членки на ЕУ поради строгиот пристап на Виена во справувањето со мигрантската криза во Европа.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, дипломатски извори за „Катимерини“ изјавиле дека грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас рекол оти Австрија прво мора да ги повлече унилатералните мерки договорени на состанокот со балканските држави во Виена.
Грција, која не беше поканета на средбата, ја обвини Австрија за „непријателски чин“, а вчера беше отповикан и грчкиот амбасадор во Виена.