Неколку влијателни египетски весници не излегоа денеска од печат во знак на протест против новиот устав, кој според повеќето новинари претставува ограничување на слободата на говорот.
Во денешниот штрајк учествуваат најмалку осум независни весници. Приватните телевизии исто така планираат протест, со тоа што тиа најавија дека утре ќе ја прекинат работата на еден ден.
Египетските весници вчера излегоа од печат во знак на протест против спорниот нов устав, а на некои насловни страници се најде и насловот „Не на диктатурата“. Карикатурата на која се наоѓа еден весник во човечки облик, кој е врзан со ланци и сместен во една ќелија беше објавена вчера на насловните страници на повеќе независни весници вклучувајќи ги и „Ал Ватан“ и „Ал масри ал Јум“, со константација дека „планираниот устав ги поништува правата и ги ограничува слободите“.
Критиките и штрајкот на весниците се најнов вид на протест против претседателот Мохамед Морси, кој мината недела издаде декрат за проширување на своите надлежности и побара што побрзо прифаќање на нацрт-уставот. Новиот устав на Египет го изготви комисија, во која преовладуваат исламистите.
Противниците на Морси организираат денеска голем протестен митинг пред претседателската палата во Каиро.