Од 20 до 22 април Египѓаните со право на глас ќе можат да гласаат за амандманите за продолжување на мандатот на претседателот Абдел Фатах ал Сиси, соопшти денеска Државната изборна комисија.
Египѓаните во странство во дипломатските мисии ќе гласаат од 19ти до 21ви април.
Тоа е објавено по гласањето во египетскиот парламент, каде со големо мнозинство (531 од вкупно 554 пратеници) се поддржаа низа уставни амандмани, меѓу кои и продолжување на претседателскиот мандат.
Уставот од 2014 година ограничува на два последователни мандати во траење од по четири години. Со предложените промени се овозможува продолжување на вториот мандат на Ал Сиси од четири на шест години, кој би завршил во 2024 година. Тогаш претседателот би можел да се кандидира за трет, шестгодишен мандат, што би му овозможило да остане на власт до 2030 година.