Единството на Европа јакне поради Путин

Од:

Ако Русија го загрози суверенитетот и опстанокот на Украина, верувам дека тоа би било пресуден момент за ЕУ и НАТО, за Глас на Америка вели аналитичарот Данијел Хамилтон.

Пораката до Украина од неодамнешниот самит на НАТО во Велс, не беше доволно силна, а тоа е она што го посакуваше Киев, вели Данијел Хамилтон, извршен директор на Центарот за трансатлански односи при Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон.

Во разговор за Глас на Америка (VOA), Хамилтон ги објаснува причините поради кои Западната Алијанса се уште не ветува воена помош на владата во Киев.

– Работите се искомплицирани од околностите, покрај фактот дека се работи за хибриден, асиметричен, небулозен конфликт, во кој Русија директно интервенираше, додека истовремено тврди дека нејзините трупи не ја преминале границата на Украина. Потоа, воспоставено беше примирје, за кое не се знае колку може да трае. Се тоа на алијансата и отежнува да биде поодредена, бидејќи вистинската состојба не е сосема јасна. Лично сметам дека Путин сака токму таква матна состојба.

Запрашан каков став би бил најпродуктивен за Украина, Хамилтон рече:

– Мислам дека украинскиот претседател беше многу директен кога рече дека неговата влада нема за што да преговара со Русија. Рече дека анексијата на Крим е незаконска, дека Русија мора да престане да се меша во внатрешните работи на Украина. Порошенко одбива повлекување на украинските сили од источниот дел на земјата, а Путин тоа го сака. Бесмислена е и помислата дека Украинците почнуваат да се повлекуваат од сопствената територија.

Хамилтон додава дека владата во Киев ќе може да ги оствари своите цели ако продолжи да одржува тесни врски со Западот и да укажува на потезите со кои Русија го крши меѓународното право. Прашан под кои околности НАТО би можел да се вклучи во конфликтот во источна Украина, Хамилтон одговори:

– Ако Русија го загрози суверенитетот и опстанокот на Украина, верувам дека тоа би било пресуден момент за Европа и НАТО. Верувам дека Западот би бил подготвен да преземе чекори и на воен и на план на воведување на посилни економски санкции на Москва. Импресивен е фактот дека 28 земји членки на ЕУ, со многу различни ставови, постигнаа согласност во формулирањето на обемен документ за акции кои планираат да ги преземат, за да ја засилат одбраната кон Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин ја обедини Европа и се додека го продолжува сегашниот курс тоа единство ќе се засилува, порача на крајот Хамилтон.

Гласот на Америка – Вашингтон

Би можело да ве интересира

Руската воздушна одбрана синоќа уништи 125 украински беспилотни летала

Северна Кореја: Американската помош за Украина е „неверојатна грешка и луд чин“

Горан Наумовски

Лавров го предупреди Западот да не се бори до победа со нуклеарна сила

Горан Наумовски

Русија за атентатот на шефот на Хезболах: Уште едно политичко убиство

Шест лица загинаа во напад врз медицински центар во Суми

Боцан-Харченко: Русија ќе ја заштити Србија и Република Српска