Владата на сепаратистичката Шкотска национална партија (СНП) во Единбург објави денеска специјален документ во кој тврди дека политиката што ја воделе поранешните влади на британските конзервативци, како и сегашната на премиерот Дејвид Камерон, ја уназадува Шкотска.
Во документот, што е испратен до шкотскиот Парлемент, се вели дека сегашната ториевска, но и претходната Влада на лабуристите во Лондон, со својата политика предизвикале штета за економијата во земјата во низа области, нагласуцајќи го нееднаквиот развој и носењето мерки кои „директно им наштетиле“ на Шкотланѓаните.
Според шкотската Влада, Лондон предизвикал „огромна штета“ со несоздавањето нафтен фонд за натамошен развој на овој сектор за идните генерации, како и дека со својот „бум“ во задолжувањето и кредитирањето диркетно им наштетил на „шкотските интереси“.
Владата на СНП ги обвинува британските конзервативци дека форсираат нееднаквост во остварувањето на приходите, го форсираат Лондон како главен економски и финансиски центар и предизвикуваат осиромашување на луѓето во Шкотска со својата политика на кратење на буџетот и строго штедење, наместо поттикнување на развојот во целата земја.
Документот на шкотската Влада доаѓа по објавувањето на оценката на британското Министерство за финансии дека „независноста на Шкотска ќе им наштети на штедачите и на луѓето кои имаат кредити“ од овој дел на Велика Британија.
Извештајот на британското Министерство и специјалниот материјал на Владата во Единбург се дел од се позасилената кампања „за“ и „против“ отцепувањето на Шкотска, пред референдумот за независност што е закажан за 18 септември идната година.
На референдумот шкотските гласачи ќе треба да одговорат на само едно прашање: „Дали Шкотска треба да биде независна држава“.
Досегашните испитувања на јавното мислење покажуваат дека само една третина од Шкотланѓаните се согласуваат со отцепувањето од Велика Британија, додека околу 60 отсто сметаат дека наместо тоа на шкотскиот Парламент треба да му се дадат поголеми овластувања.