Еден човек е убиен и двајца се повредени денеска во престрелка во близина на гласачко место на 300 километри јужно од Каиро.
Денеска во Египет почна првата фаза од референдумот за новиот предлог Устав.
Според египетските медиуми инцидентот се случил во близина на градот Манфалут во провинцијата Асот, по расправија меѓу две непријателски локални племиња. По интервенција на армијата и полицијата гласачкото место продолжило со работа.
Пукотници се чуле и во градот Махала ел Кубра на 80 километри северозападно од Каиро, во провинцијата Гарбија, јави БТА. Еден од локалните жители отворил оган во воздух во близина на гласачко место, но брзо бил приведен од војската.
Досега се регистрирани десетици нарушувања на гласањето. Излезноста во првите четири часа од гласањето е на високо ниво.
Египетското министерство за надворешни работи соопшти дека гласањето во странство, кое требаше да заврши денеска, ќе продолжи до понеделник.