Непознат напаѓач денеска испука најмалку еден куршум од огнено оружје во војник, кој бил на стража пред споменикот на воените жртви во центарот на Отава, пренесуваат канадските медиуми.
Напаѓачот потоа влегол во комплексот на канадскиот парламент, каде се чуле неколку истрели, по што полицијата ја опколила зградата. Најмалку 20 истрели се регистрирани во регионот на канадскиот парламент, а полицијата е во потрага по уште еден или двајца вооружени напаѓачи, според очевидци во внатрешноста на комплексот.
Полицијата соопшти дека застреланиот војник се наоѓа во тешка состојба.
Канадската влада претходно денеска го зголеми нивото на опасност од тероризам од средно на високо, по општиот раст на меѓусебните комуникации меѓу припадниците на радикалните групи како што е исламската држава и Ал Каеда, соопшти портпаролот на канадскиот министер за јавна безбедност Жан Кристоф Де Ле Ру.