Полицијата на Бангладеш призна дека еден од убиените заложници, во терористичкиот напад во Дака, врз еден ресторан за странци, бил погрешно идентификуван како напаѓач.
Властите првично соопштија дека при интервенцијата на специјалните сили, за ослободување на гостите од ресторанот, кои беа држени како заложници, биле убиени сите шестмина напаѓачи.
Полицијата сега тврди дека еден од шестмината ликвидирани, не бил терорист, туку заложник во ресторанот.
Грешката е утврдена по интервенцијата на неговите роднини, кои објаснуваат дека човекот не е никаков исламистички милитант, туку главен готвач , како и дека човекот важел за најдобриот мајстор за пици во Бангладеш.
Засега никој не објаснува како тој настрадал и кој го убил, затоа што војската се уште не им го предава неговото тело на роднините, продолжувајќи да го сомничи дека бил дел од терористичката група.
Вкупно 22 цивили беа брутално убиени во терористичкиот напад од минатиот петок. Најголемиот број од нив беа странци-деветмина Италијанци и седумина Јапонци, сите ликвидирани со, како што објасни полицијата, „остар предмет“
Исламистичката милитантна група Исламска држава (ИД) објави дека таа стои зад нападот во Дака, но бангладешките власти тврдат дека станува збор за локална исламистичка милитантна група-Џамаеитул Муџахдеи Бангладеш (ЏМБ)- за која се вели дека нема никакви сознанија оти била во врска со џихадистите на ИД.
Властите стравуваат дека се можни нови напади, пред се врз странските амбасади, елитните хотели и рестораните каде се собираат странци.