Ед Милибанд против втор референдум во Велика Британија

Од:

 Поранешниот лидер на британските лабуристи Ед Милибанд изјави дека е против барањето за организирање втор референдум за ЕУ во Велика Британија.

Во интервју за британската телевизија Ај-Ти-Ви, Милибанд се согласува со предлогот пратениците да гласаат за покренувањето на член 50 од Лисабонската спогодба, но смета дека процесот на Брегзит не треба да се блокира.

– Имам симпатии за оние 48 отсто од Британците кои гласаа за останувањето во ЕУ, но референдумското изјаснување мора да се почитува и Велика Британија да излезе од Унијата, рече Милибанд.

Ваквото определување на поранешниот лидер на опозицијата, доаѓа по соопштенијата на неколкумина угледни лабуристички и либералдемократски пратеници дека тие ќе гласаат против почнувањето формални преговори за излез на земјата од ЕУ.

Милибанд тврди дека со ваквите блокади ќе се придонесе за „тврд“ Брегзит, формулација која се користи во политичката јавност за напуштање и на заедничкиот пазар на ЕУ.

Тој верува дека постојат „разни модели“ што и стојат на располагање на британската Влада околу идните врски со ЕУ – норвешкиот (земјата е дел од заедничкиот пазар), швајцарскиот или турскиот (Турција има царинска унија со ЕУ, но не е членка на заедничкиот пазар).

Милибанд е против и сегашното слободно движење на европската работна сила во Велика Британија, оценувајќи дека досегашниот модел треба да биде прекинат.

Неговите сегашни тврди ставови, кои се блиски до Владата, се во спротивност со оние на актулениот лидер на лабуристите Џереми Корбин.

Тој претходно изјави дека лабуристите бараат пристап до заедничкиот пазар, како и заштита на работниците и потрошувачите, заштита на жовотната средина и правда преку Европскиот суд.

Опозициската партија Либерални демократи на Тим Фарон соопшти дека инсистира на втор референдум за договорот што Владата на конзервативците ќе го направи со ЕУ за излез од ЕУ.

Лабуристите, кои пред референдумот од 23 јуни, беа за останување на Велика Британија во ЕУ, ја променија позицијата откако голем број лабуристички гласачи од североисточна Англија и од Велс гласаа за Брегзит.

Сегашното инсистирање на напуштањето на ЕУ за лабуристите е важно за да се задржат сите гласачи, затоа што партијата се подготвува за вонредни избори кои би можеле да се одржат и пред завршувањето на преговороте со Брисел за Брегзит.

Би можело да ве интересира

Барние: Британија отфрла секакво одложување на Брегзит

Ана Ололовска

Почнува клучната фаза од преговорите за Брегзит

Ана Ололовска

Зајберт: Меркел и Џонсон набрзо ќе разговараат за Брегзит

А1он

Шкотска е подготвена да поддржи секого кој е против Брегзит

А1он

Нема судење за Џонсон поради „лажењето за Брегзит“

А1он

Хамонд: Брегзит-от без договор ќе биде спречен

А1он