Американската телевизиска мрежа Си-Ен-Ен, се откажа од плановите да сними документарец за Хилари Клинтон, која се смета за можен кандидат за претседателска номинација на Демократската партија за изборите во 2016 година.
Чарлс Фергусон, кој требаше да биде режисер на филмот, изјави во блогот на „Хафингтон пост“ дека демократите го замрзнале проектот. Претходно, Републиканската партија упати остри критики кон раководството на Си-Ен-Ен, по повод планираниот филм, кој според нив ќе биде бесплатна реклама за претседателскиот кандидат на демократите.
– Ниту една политичка партија не сака тој филм да биде направен, пишува Фергусон.
Портпаролот на Си-Ен-Ен потврди дека снимањето на филмот е запрено. Од канцеларијата на Хилари Клинтон засега одбиваат коментар.
Телевизискиот канал Ен-Би-Си исто така вчера соопшти дека се откажува од снимање играна серија, во која актерката Дајан Лејн ја игра улогата на Хилари Клинтон.
Сценариото ги покриваше настаните со скандалот со Моника Левински од 1998 година досега.