Околу четири милијарди луѓе ширум светот, од кои речиси две милијарди само во Кина и Индија, вкупно околу еден месец во годината се соочуваат со сериозен недостиг на вода за пиење, се наведува во извештај објавен во најновиот број на американското научно списание „Сајнс Адванс“.
– Од нив, околу 500 милиони луѓе речиси во текот на цела година се соочуваат со недостиг на питка вода, се посочува во извештајот, изработен врз основа на податоци од државни институции и меѓународни организации.
Во извештајот, подготвен од група научници од Универзитетот во холандскиот град Твенте, се наведува дека овој недостиг на вода за пиење се должи на глобалниот пораст на населението, растот на потрошувачката и зголемните потреби за наводнување во земјоделството.
Освен во Индија и Кина, во одредени периоди во годината сериозен недостиг на вода за пиење има и во Бангладеш, Пакистан, Нигерија, Мексико, како и во делови на САД, пред се во југозападниот дел на Калифорнија и во јужните реони на Тексас и Флорида.
Авторите на истражувањето апелираат до владите да изготваат поефикасни стратегии за управување со водните ресурси, со цел да се задоволт основните потреби за вода на пиење на светската популација.