Осуммина жители на англискиот град Хестингс се повредени и префрлени во болница, откако беа нападнати од две кучиња, соопшти локалната полиција. Инцидентот се случил во една од населбите на градот доцна синоќа, по што соседите ја повикале полицијата за да интервенира.
Две кучиња, кои излегле на улица од куќата во која биле чувани, почнале да ги напаѓаат луѓето кои биле надвор од своите домови. Повеќе луѓе биле нападнати, но осум од нив морале да побараат и медицинска помош.
Претставник на болницата изјави дека сите ранети имаат полесни повреди и никој од нив не е во животна опасност. Сите повредени се на возраст меѓу 20 и 50 години. Едното куче било совладано од граѓаните на улицата во која се случил инцидентот, а за другото морало да интервенира специјалната служба на општината за фаќање и затворање на кучиња-скитници. Двете кучиња подоцна се фатени од полицијата и одземени од нивниот сопственик.
Полицијата соопшти дека сопственикот, кој имал 22 години, е уапсен. Тој е обвинет за чување опасни кучиња без надзор и контрола.
Последниве години во Англија и во цела Велика Британија се случија повеќе напади на опасни кучиња, при што главни жртви се обично мали деца. Некои од нив останаа трајни инвалиди од повредите што ги здобија, но ова е првпат две кучиња да извршат напад на повеќе луѓе одеднаш и да повредат осуммина.