Двајцата Руси, за кои екстремистичката организација Исламска држава тврди дека ги заробила во Сирија, денеска беа препознаени од членови на паравоени организации.
– ИД објави видео, на кое се прикажани двајца Руси. Едниот од нив е нашиот другар, Григориј Цуркану, се наведува во соопштението на Здружението на поранешни руски војници „Боевое братство“.
– Се надеваме дека тој и неговиот другар се живи, пишува во соопштението.
Вториот маж на видеото е „нашиот козак Роман Заболотни“, наведе Љубов Бондар, претставникот на паравоената организација на руски козаци.
– Не знаеме како се нашол во Сирија, нагласи Бондар.
Агенцијата на ИД, Амак, синоќа објави видео на кое се прикажани двајца руски војници, за кои тврди дека се заробени од страна на припадници на групата во регионот на сирискиот град Деир ез Зор, каде Русите им укажуваат поддршка на сириските владини сили, кои се борат со џихадистите.
Руското Министерство за одбрана негираше дека двајцата руски војници се заробени и одби да даде коментар за случајот.
На видеото, што трае 42 секунди, се прикажани двајца мажи во сива облека. Едниот има брада и лисици, а другиот има лузни на лицето.
Мажот со брада зборува на руски, а другиот молчи, додека под нив има превод на арапски јазик.
На видеото е поставен денешниот датум, но нема други докази за тоа кога е снимено.
Пред камерата, мажот со брадата го кажува неговото име, датумот на раѓање и неговото родно село во јужна Русија. Потоа вели: „Бев заробен при контраофанзива на ИД“.
Тој наведува дека бил заробен со уште еден маж и го кажува неговото име датумот на раѓање и родното место.