Чешките аналитичари веќе почнаа да се занимаваат со претставата како ќе изгледа првата дама на Чешка сега кога се познати двајцата фаворити за претседател на државата и меѓу кои Чесите на 25 и 26 јануари ќе го изберат својот претседател.
Двајцата ривали, Милош Земан и Карел Шварценберг имаат барем една зедничка работа, а тоа се нивните „невидливи сопруги“, јави дописникот на МИА од Прага.
Актуелниот министер за надворешни работи Карел Шварценберг со својата сопруга Тереза се оженил два пати. Првиот пат стапиле во брак веднаш откако завршиле факултет. Имале две деца, кога по 12 години Тереза, како што самата објаснува се заљубила во друг маж со кого имала дете уште пред да се разведе со Карел. По 20 години откако се развеле, Тереза по една несреќа на скијање останала парализирана и тоа повторно ги споило нивните животи. Карел ја посетувал редовно во болница и повторно се земале во 2008 година.
Доколку Карел Шварценберг биде избран за претседател, Чешка ќе ја добие првата дама која изгледа „благороднички“, но не зборува добро чешки. Во една прилика Шварценберг изјави дека заради здравствените потешкотии неговата сопруга би останала да живее во Виена и повремено би доаѓала во Чешка.
Сопругата на Милош Земан, Ивана, е дваесетина години помлада од нејзиниот сопруг и ретко се појавува со него во јавноста. Со неа Земан има ќерка, а со претходната сопруга еден возрасен син.
Госпоѓа Земанова ја штитеше својата приватност и во периодот кога нејзиниот сопруг беше претседател на Собранието и подоцна премиер.
Со оглед на тоа што и за време на гласањето не дозволи да ја сликаат во гласачкото место, се претпоставува дека нема да отстапи од своите принципи да не се истакнува и доколку нејзиниот сопруг стане претседател.
Интересно е што во предизборната кампања беше вклучена ќерката на Земан, Катерина која изјавува дека може да замисли да ја замени својата мајка во улогата на прва дама.