Државјаните од земјите членки на ЕУ кои живеат во Велика Британија, нема да можат да гласаат на референдумот за останување или напуштање на Унијата, што треба да се организира до крајот на 2017 година, соопшти денеска Даунинг стрит 10.
Според владиното толкување, на референдумското изјаснување ќе може да учествуваат само британските државјани, како и Ирците, Кипраните и Малтежаните, постари од 18 години, кои постојано живеат во Британија. Тоа значи дека на идниот референдум за ЕУ ќе се користат законските одредби предвидени за парламентарните избори, а не оние што важат за локалните и евроизборите на кои гласаат и Европејците.
Ваквото решение што се објавува уште пред Парламентот, воопшто, да расправа за референдумот и да се донесе посебна одлука за неговото одржување, доаѓа по „бурната реакција“ на евроскептиците во владејачката Конзервативна партија и на активистите на антиевропската УКИП, кои се исплашија дека гласовите на околу 1,5 милион Европејци, колку што тие веруваат дека живеат во Велика Британија, може да дадат поинаква слика за расположението на британските гласачи.
– Станува збор за значајна одлука за Велика Британија, што ќе ја определи иднината на земјата па затоа гласањето на референдумот треба да им се остави само на Британците, на Ирците и на државјаните од Комонвелтот, изјави претставник на Даунинг стрит 10.
Претставник на Шкотската национална партија (СНП) изјави дека тие се против референдумот, но сепак, кога веќе се гледа дека законот за неговото одржување ќе помине во Парламентот, оваа партија бара право на глас на референдумот да имаат и Британците со наполнети 16 и 17 години.
– Младите се наша иднина, а во овој случај станува збор за нивната Велика Британија и нивната ЕУ, па затоа ќе мора да се слушне и нивниот глас, рече претставникот на СНП.