Во подземните води околу јапонската нуклеарна централа „Фукушима-1“ е регистиррано драстично зголемување на нивото на трициум, откако од еден од нејзините резервоари на 20 август истекоа околу 300 тони вода со исклучително висока концентрација на радиокативни материи, соопшти компанијата ТЕПКО, која стопанисува со нуклеарката.
Како што јави ИТАР-ТАСС, концентрацијата на трициум во примерок од подземните води земен на 22 септември од технички извор на само 20 метри од сега веќе демонтираниот резервоар, изнесувала 150.000 бекерели на литар. Максималното дозволено ниво изнесува 60.000 бекерели на литар.
На 14 септември нивото на трициум изнесувало 170.000 бекерели на литар, но потоа опаднало на 41.000 бекерели.
Експертите засега не можат да ја објаснат причината за зголемената концентрација на трициум.
Во пракса нема применливи начини за прочистување на водата од трициум, кој е активен изотоп на водородот. Трициумот се смета за помалку опасен за човекот од другите радиоктивни материи, бидејќи не се натрупува во организмот и лесно се измива.
Радиоактивната вода е еден од главните проблеми во елиминирањето на последиците од хаваријата во „Фукушима-1“. Во подземните енергски блокови и дренажниот систем на нуклеарката има околу 400.000 тони радиоактивна вода.
ТЕПКО вети дека водата целосно ќе ја прочисти до пролетта 2015 година.