Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска ги повика каталонските власти да не прогласуваат независност, бидејќи тоа би можело да го спречи дијалогот.
– Ве повикувам, во вашите намери да го почитувате уставниот поредок и да не прогласувате одлука после која дијалогот би бил невозможен. Различноста не смее и не треба да води до судири, чии последици сигурно би биле лоши за Каталонија, Шпанија и за цела Европа, истакна денеска Туск, за време на говорот на регионален форум во Брисел.
Поранешниот полски премиер ја истакна својата припадност кон етничко малцинство и личното искуство за полициско насилство во време додека бил антикомунистички активист во 90-те години од минатиот век.
Тој е припадник на Кашуба, западнословенски народ, кој претежно живее во полската покраина Померанија.
Туск, исто така, го повика шпанскиот премиер Маријано Рахој да „побара решение на проблемот без употреба на сила“.
Обраќањето на Туск е одржано само неколку часа пред лидерот на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон да соопшти дали ќе прогласи независност на регионот или ќе се откаже од таа идеја.
Според последните информации, тој веќе се наоѓа во каталонскиот Парламент од каде ќе соопшти за следните чекори кога е независноста на Каталонија во прашање.