Има се повеќе земји во ЕУ во кои десните популисти извлекуваат политички профит благодарение на нерешената мигрантска криза, при што се потешко е да се дојде до заедничко европско решение, пишува Дојче веле.
– Бегалската или мигрантска криза во многу земји од ЕУ влијаеше врз создавање силни десно-популистички опозициски партии и тоа може да се види во Франција, Холандија, Данска, Шведска и Германија, пишува Дојче веле и додава дека во некои држави десничарските популисти се дел од власта, како во Белгија, Финска, Австрија и Грција, Полска, Унгарија, Чешка, а од неодамна и во Италија.
Потпретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс со загриженост предупредува дека зајакнати десничарки популисти и нерешено миграциско прашање би можеле да доведат не само до криза во германската Влада, туку дека би можеле да го загрозат и единството во ЕУ.
– Кога ќе се погледне развојот на ситуацијата во последните неколку години, се гледа дека миграцијата е тема која ја доведе ЕУ на работ на бездна. Миграциите играат клучна улога во секоја земја членка, без оглед за која и каква земја станува збор, рече Тимерманс во Европскиот парламент.
Од 2015 година, бројот на бегалци и мигранти кои доаѓаат во Грција, Италија и Германија нагло падна за околу 75 отсто, политиката кон мигрантите стана значително порестриктивна, меѓутоа популистичките партии и влади се уште предизвикуваат чувство кај луѓето дека границите се преплавени со бегалци.