Тензиите во Молдавија не беа предизвикани од надворешни сили, туку од неодговорните постапки на молдавските власти, изјави денеска поранешниот претседател Игор Додон, коментирајќи ја серијата терористички напади што минатата недела се случија во самопрогласената република Приднестровје.
„Нема ризик некој да не нападне. И сигурен сум дека ние никого нема да нападнеме. Ситуацијата може да стане опасна само поради постапките на државните органи. Ако некој провоцира со своите постапки, изјави, тогаш може да има проблеми“, рече Додон.
Тој смета дека не би требало да има проблем доколку молдавските власти ја задржат неутралноста, не се определат за ниту една страна и не дозволат транспорт на оружје низ територијата на државата.
Минатата недела во Приднестровје, самопрогласена република во Молдавија, се случија серија терористички напади, а претседателот Вадим Красноселски изјави дека трагите на саботажа водат до Украина и прогласи највисок степен на терористичка закана.
Извор: МИА