Германската полиција го пронајде телото на 12-годишното девојче Луиза Ф. од градот Фројденберг. Телото е пронајдено во шумата во близина на тунелот на поранешната железничка станица Вилденбург во провинцијата Порајње-Фалачка.
Досегашната истрага го потврдува сомнежот дека девојката е убиена, изјави портпаролот на јавното обвинителство.
Денеска ќе биде извршена обдукција која и официјално треба да ја утврди причината за смртта.
„Истрагата тече брзо. Во контакт сме со истражните органи во Зиген“, додаде портпаролот.
Полицијата во Кобленц добила овластување да ја спроведе истрагата. Криминалистичката полиција цела ноќ го обезбедувала местото и се обидувала да најде клучни индиции кои би требало да помогнат во истрагата.
Луиз исчезна во саботата додека одеше дома од куќата на пријател. Таа била пријавена за исчезната бидејќи не дошла дома, а не се јавила ниту на својот мобилен телефон. Беше започната потрага во која учествуваа поголем број полициски службеници. Денес знамињата во Фројденберг, мал град со приближно 17.000 жители, се на половина копје.