Талибанските бунтовници синоќа киднапирале девет лица, повеќето од нив Турци, кои патувале со цивилен хеликоптер што принудно слетал во источниот дел на Авганистан.
Хеликоптерот, кој и припаѓа на турска организација, синоќа принудно се приземјил во областа Азра, во источната авганистанска провинција Логар, која се наоѓа јужно од Кабул и е под контрола на талибанците.
Засега не се познати причините поради кои хеликоптерот принудно слетал.
Меѓу киднапираните се наоѓаат еден Авганистанец и осум турски државјани. Според медиумите, Турците се инженери од градежна компанија.
Хеликоптерот полетал од градот Хост, кој се наоѓа во близина на пакистанската граница, каде турската компанија е ангажирана на градежни проекти.
Локални племенски лидери се обидуваат да ги убедат бунтовниците да ги ослободат заложниците.