Десетици илјади азиски католици присуствуваа на првата миса на отворено, што ја отслужи папата Франциско во Јужна Кореја.
Франциско со супербрз воз допатува до градот Теџон во централниот дел на земјата, каде млади католици од цела Азија ја празнуваа азиската верзија на Светскиот ден на младите.
Папата отслужи миса на фудбалски стадион во Теџон со капацитет од 50 илјади места, кој беше полн со часови пред неговото пристигнување.
Повеќето го поздравија светиот отец извикувајќи „Да живее папата!“ на италијански.
Тој ги повика младите во Азија да се откажат од материјализмот, кој е присутен во поголемиот дел од азиското општество и да ги отфрлат нехуманите економски системи, кои не ги почитуваат правата на сиромашните.
Понтифот апелираше до младите да бидат силата на обновувањето, да се борат против материјализмот, кој ги задушува вистинските духовни и културни вредности и со духот на неконтролираниот натпревар, од кои произлегуваат егоизмот и соперништвото.