Десетгодишно девојче, маж кој го преживеа Холокаустот и млад француски државјанин се меѓу најмалку 15 лица убиени вчера кога двајца вооружени лица отворија оган врз семејства кои ја славеа првата ноќ на Ханука на познатата плажа Бонди во Сиднеј – напад што полицијата го опиша како тероризам, објави CNN.
Жртвите на најлошото масовно пукање во Австралија во речиси 30 години сè уште не се официјално идентификувани, објави CNN, но нивните семејства и пријатели им оддаваат почит на оние што ги загубија
Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, изјави дека жртвите се на возраст од 10 до 87 години.
Роднините на 10-годишната Матилда ја опишаа како „многу мило и среќно дете, со прекрасна насмевка“, објавува овој медиум.
Таа уживаше во прослава на плажата Бонди со своите родители, помладата сестра и пријателите кога двајца напаѓачи отворија оган, се вели во текстот.
Матилда беше ранета во пукањето и итно префрлена во болница, каде што лекарите безуспешно се обидеа да ѝ го спасат животот.
„Децата треба да бидат среќни. Тие треба да си играат на плажа, а не да размислуваат за куршумите што летаат наоколу“, рече нејзината тетка Лина, која не сакаше да го сподели презимето на семејството.
Семејството се пресели од Украина во Австралија во 1990-тите и уживаше во прошетките на плажа, пикници во парк и патувања до зоолошката градина, рече Лина.
Рабинот Ели Шлангер (41) го организираше настанот „Ханука покрај морето“ на плажата Бонди, пишува Си-Ен-Ен.
„Шлангер бил посветен рабин и капелан“, се вели во соопштението на еврејската организација што ја организираше Ханука, додавајќи дека тој неуморно работеше „за да го поддржи еврејскиот живот во заедницата Бонди“.
„18 години, семејството Шлангер ѝ служеше на еврејската заедница, но влијанието на рабинот отиде далеку надвор од ѕидовите на синагогата. Тој беше капелан во Поправната служба на Нов Јужен Велс и за воени затвореници; тој беше и капелан во болницата „Свети Винсент“ во Дарлингхерст, каде што им пружи поддршка на пациентите и нивните семејства“, се вели во соопштението.
Братучедот на Шлангер, рабинот Залман Луис, го опишаа како „вистински неверојатен човек“ во објава на Фејсбук.
Рабинот роден во Велика Британија беше татко на пет деца, а неговиот најмлад син се роди во октомври годинава.
Алекс Клетман (87) преживеа од Холокаустот, но почина додека со своето тело ја штитеше својата сопруга од куршумите на еден од напаѓачите, според еврејската организација Хабад.
Клетман, роден во Украина, ги остави зад себе сопругата, две деца и 11 внуци, се додава во соопштението на Хабад.
Информациите се дека Клетман го преживеа Холокаустот со својата мајка и помладиот брат во Сибир, пред тој и неговата сопруга да се преселат од Украина во Австралија.
