Најмалку десет лица загинаа во пожар што избувна синоќа во текстилна фабрика во предградие на главниот град на Бангладеш, Дака.
Фабриката, сместена во четирикатна зграда, била затворена, но некои вработени работеле прекувремено.
Телевизиските снимки прикажуваа како во пламен горат горните три ката на зградата, додека десетици противпожарни возила се обидуваат да ги изгаснат. Засега не е позната причината за пожарот.
Суровите и честопати опасните услови за работа во текстилната индустрија во Бангладеш го привлекоа вниманието на светската јавност, откако во уривањето на осумкатна фабрика во април, загинаа 1.100 работници. Пожарите во овој сектор се честа појава, а последниот беше во ноември минатата година, кога загинаа 112 работници.
Бангладеш заработува по 20 милијарди долари годишно од извоз на облека, претежно за САД и Европа. Во овој сектор се вработени околу четири милиони лица, претежно жени.