Околу десет илјади Исланѓани ги понудија своите станови и куќи за да примат кај себе бегалци од Сирија, соопшти државната телевизија на оваа мала островска земја во северниот Атлантик.
Владата во Рејкјавик издаде соопштение во кое се вели дека ги испитува понудите на своте државјани, откако претходно порача дека Исланд би можел да прими само 50 мигранти.
Кампањата за да им се помогне на луѓето кои бегаат од земјите на Блискиот Исток, зафатени со воени судирања, ја покренаа неколкумина домашни интелектуалци преку Фејсбук и на нивниот повик за кусо време се пријавиле околу десет илјади луѓе.
Една Исланѓанка, која прифатила да зборува за тоа на исландската телевизија изјави дека живее сама, со своето шестогишно дете и дека може да прими во својот дом едно дете од Сирија.
– Тоа дете би го научила да зборува и да пишува на исландски јазик и би му помогнала да се вклопи во домашното општетство, вели оваа жена која е учителка по професија.
Исландскиот министер за социјални прашања, Ејгло Хардардотир изјавил дека се испитуваат сите вакви понуди, како и дека владата ќе ја преиспита својта првична понуда за сосема мал и ограничен прием на бегалци и мигранти што ова лето ја преплавија ЕУ.
– Не сакаме да зборуваме за тоа, колкава ќе биде бројката на луѓе што Исланд би можел да ги прими на својата територија, но ќе ја испитаме секоја можност за да се примат повеќе бегалци, изјави исландскиот министер Хардардотир.
Во Исланд живеат 300 илјади луѓе и понудата на десет илјади од нив, за да примат сириски бегалци е најголема досега, од една европска земја, ако таа се спореди со бројот на жителите на островот.