Демократите во Сенатот на САД побараа класифициран брифинг за да дознаат дали американското разузнавање знаело нешто однапред за плановите на Саудиска Арабија да го киднапира колумнистот на весникот „Вашингтон пост” Џамал Кашоги и да го повреди.
Тие вчера испратија писмо до директорот на Националното разузнавање на САД Дан Коутс во кое осумтемина сенатори посочуваат дека американските служби требало да го известат Кашоги ако знаеле за намерите на Ријад.
Во писмото тие додаваат дека „Вашингтон пост” информирал дека американските разузнавачки служби пресретнале разговори, во кои бил разгледуван план за фаќање на новинарот.
Кашоги на 2 октомври беше убиен во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека САД немале претходни сознанија за какви било планови за киднапирање на Кашоги. Директорот на Националната разузнавачка служба досега не даде коментар за случајот.