Шест од деветмината каталонски лидери, кои се во затвор поради нивната улога во обидот за отцепување на Каталонија, ќе бидат префрлени во затвори во областа, соопшти денеска новата шпанска Влада.
Аналитичарите ова го толкуваат како желба на официјален Мадрид да ги смири тензиите во областа.
Предвидено е шестмината до четврток да бидат префрлени во казнени центри кои се под јурисдикција на службата за извршување казни на Каталонија, стои во соопштение на шпанското Министерство за внатрешни работи. Имињата на шестмината каталонски лидери не се објавени.
Новата шпанска Влада предводена од социјалистот Педро Санчез, е на власт еден месец. Веста за трансферот на шестмината приведени каталонски лидери во центри во Каталонија доаѓа една недела пред средбата во Мадрид меѓу Санчез и шефот на каталонската влада Ким Тора. Средбата ќе се одржи на 9 јули.
Другите тројца обвинети ќе бидат префрлени во каталонски казнени центри подоцна, стои во соопштението на шпанското МВР.