Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави денеска дека Владата во Лондон не била претходно известена за операцијата на алжирската војска за ослободување на заложниците кои се заробени во индустриските постројки на наоѓалиштето за гас во Сахара, во југоисточен Алжир.
Во излагање пред претаниците во Долниот дом на британскиот Парламент Камерон рече дека разговарал по телефон со алжирскиот премиер, кому му ја изразил британската загриженост за судбината на заложниците.
– Немаме точна претстава што воопшто се случува во пустината, призна британскиот премиер, забележувајќи дека Лондон очекува објаснување за операцијата на алжирската војска и за настојувањето да се прекине заложничката криза и за пресметката со терористите.
Според Камерон, грижа на Владата во Лондон е извлекување на сигурно на заробените британски државјани. Британскиот премиер раководеше денеска со состанокот на специјалниот комитет КОБРА, што се состанува во кризни ситуации и го одложи претходно најавеното обраќање за идните британско-европски односи.
Лондонските медиуми продолжуваат да најавуваат дека Велика Британија подготвува специјални сили кои во една спасувачка мисија би ги извеле од заробеништво заточените работници.
Воени експерти сепак предупредуваат дека една таква операција би била тешка поради одалеченоста на постројките каде се чуваат работниците. Според британските медиуми, досега се ослобдени 600 Алжирци и четворица странци, но дека операцијата за нивното извлекување се уште не е завршена.
Нафтената компанија БП, која заеднички стопанисува со рафинеријата за гас во алжирската пустина со Статоил од Норвешка, соопшти дека забрзано ги евакуира сите свои странски работници во Алжир.