Британскиот премиер Дејвид Камерон денеска ги предупреди руските олигарси кои живеат во Лондон дека би можеле да се најдат на удар на санкциите кон Русија, поради ситуацијата во Украина.
– Сите богати Руси кои живеат во Лондон се соочуваат со заканата да се најдат на удар на меѓународните санкции, доколку се покаже дека имаат блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин, изјави Камерон во интервју за радио Би-Би-Си.
Британскиот премиер не спомена ниту едно име, но меѓу оние кои го избраа Лондон за свое живеалиште, најпознати се Роман Абрамович, сопственикот на фудбалскиот клуб „Челзи“ кој има куќи и имот во Велика Британија, како и Алишер Усмаров, главниот акционер на „Арсенал“.
Предупредувањето на Камерон доаѓа како реакција на последниот амбасадорски состанок во Брисел околу предложените нови поостри санкции на ЕУ кон Москва, при што се предвидува лондонскиот финанси центар Сити да го понесе главниот товар.
Со овие мерки се предвидува да се пресече руската банкрска економија за да се оневозможи финансирањето на клучната технологија, а се определуваат и нови критериуми кон руските олигарси блиски до Путин и внатрешниот круг на сојузници, за кои се смета дека заработиле од врските со политичарите и генералите кои се одговорни за кризата во источна Украина.
Според Камерон, тоа не значи дека ќе се казнуваат сите богати Руси во Лондон само затоа што зборуваат руски или што нивниот англиски јазик е со силен руски акцент.
– На удар на санкциите ќе се најдат оние за кои ќе се утврди дека му се „побратими“ на претседателот Путин, објасни британскиот премиер.
Официјална Москва синоќа се закани со „замрзнување“ на имотот и средствата на британските компании кои делуваат во Русија, што би бил одговор на предупредувањата и санкциите од Лондон. Први на удар на руските контрамерки би биле нафтените компании БП и „Шел“.
Руски сенатори и политичари, блиски на Путин, побараа од рускиот претседател да воведе санкции за сите компании од САД и ЕУ кои имаат бизнис во Русија.