Дејвид Камерон: Да работиме Велика Британија да остане голема

Од:

Лидерот на британската Конзервативна партија,Дејвид Камерон, чија партија извојува неочекувано, уверлива победа на на вчерашните парламентарни избори, изјави во Лондон дека со новата влада, што бргу ќе биде формирана, ќе работат за тоа „Велика Британија и понатаму да остане голема“.

Зборувајќи во Даунинг стрит 10, пред влезот на службената резиденција за британските премиери, Камерон го изрази своето задоволство од уверливата изборна победа. Во своето прво обраќање, по завршувањето на годинешниве избори, додека се уште се пребројуваат гласовите, тој ги опфати најважните две прашања што ја интересираат домашната и европската јавност- прашањето со Шкотска и односите со ЕУ.

Камерон порача дека ќе работи за ја одржи Британија заедно, мислејќи на нејзиниот територијален интегритет и порачувајќи им на гласачите во Шкотска, дека новата влада, ќе го исполни ветувањето „што е можно побрзо“ за зголемување на овластувањата на шкотскиот Парламент.

Тој потсети дека зголемените овластувања во деволуцијата, беа дадени уште пред минатогодишниот рефереднум за независност на Шкотска, што се одржа по иницијатива на Шкотската национална партија (СНП) и за нив постои согласност од трите главни британски политички партии, но забележа дека во исто време ќе се работи и за „фер решение“ за Англија.

Камерон уште еднаш порача дека онака како што е ветено, ќе има референдум за останување или за напуштање на ЕУ, но не спомена ништо за тоа кога ќе се одржи и дали претходно ќе има преговори меѓу Лондон и Брисел за идните британско-европски односи.

Старо новиот премиер му се заблагодари на досегашниот заменик премиер Ник Клег, како и на либералдемократите вклучени во досегашната коалиција на оваа партија и неговите конзервативци. Камерон се заблагодари за соработката во стариот Парламент и на досегашниот лидер на лабуристите и на опозицијата Ед Милибанд кој утринава му се јавил по телефон да му ја честита победата и да му посака успех во ново освоениот мандат.

Клег и Милибанд поднесоа оставки, претпладнево, откако стана јасно дека и двете партии доживеаја тешки порази на вчерашното гласање, нечекајќи на конечните резултати од изборите.

Противно на сите анкети и предвидувања, Конзервативната партија освои над 37 отсто од гласовите и 330 пратенички места, дури 23 повеќе од изборите во 2010 година и за четири места повеќе од минималното ниво за освојување на апсолутно мнозинство во Долниот дом.

Лабуристите добија 31 отсто од гласовите и останаа на 232 свои пратеници во новиот Парламент, што е помалку за 26 пратенички места, но доживеја да бидат „збришани“ во Шкотска од СНП, каде спаднаа на само еден пратеник.

На ниво на целата држава, трета партија е УКИП освојувајќи помалку од 13 отсто, но само едно пратеничко место, додека СНП за себе задржа само пет отсто од гласовите, како исклучиво шкотска партија, но во Парламентот во Лондон ќе имаат дури 56 пратеника.

Досегашните партнери во владината коалиција, либералдемократите имаат поддршка од само осум отсто од гласовите, наместо 23 отсто пред пет години и само осум пратеници.

Би можело да ве интересира

Борис Џонсон во своите мемоари тврди дека кралицата Елизабета имала рак на коските

Три жени ранети во престрелка во Англија

Англија ја совлада Ирска

Мал авион се урна во индустриска зона во Честерфилд

Моторна едрилица се урна на сред пат: Пилотот и патникот преживеаја

(ВИДЕО) Ескалира насилството во Британија: Ќе залажите за ова екстремно десничарко насилство