Малку над половина од Британците сметаат дека Велика Британија треба да остане во ЕУ, покажува истражувањето на лондонски „Дејли мејл“.
Во истражувањето што го направи овој проконзервативен весник, 51 отсто од гласачите би се определиле за задржување на членството во Унијата, доколку утре би се одржал референдумот за останување, или за напуштање на ЕУ.
Според истражувањето, 39 отсто би гласале за излез, додека преостанатите десет отсто од анкетираните изјавиле дека се уште се неопределени.
Слични резултатите покажува и анкетата во пролибералниот „Индепендент“. Истражувањето во овој весник го има изработено угледниот британски Национален центар за социјални студии, според кој и покрај силно распалената антиевропска еуфорија во земјата, 60 отсто од Британците се на мислење дека земјата треба да остане во Унијата, додека 30 отсто се за напуштање на европското семејство, со десет отсто неопределени гласачи.
Весникот „Тајмс“ предупредува денеска дека референдумот и изјаснувањето за иднината на земјата кога станува збор за односите со ЕУ, ризикува целосно да ја подели Британија.
За ваквото свое тврдење весникот се повикува на неговото истражување, каде 38 отсто се за Брексит, додека 37 отсто се за останување во Унијата.
Таа поделба е силно изразена и меѓу партиите во земјата, па безмалку една третина од пратениците од Конзервативната партија, северноирската ДУП и антиевропската Партија за независност на Обединетото Кралство (УКИП) се за излез, додека опозициските лабуристи, Шкотската национална партија (СНП), велшката национална партија Плејд Кимру, либераледемократите и северноирската Шин Феин, се цврсто на позицијата за останување во ЕУ.
Англија ке остане поделена на евроскептици и проевропејци, слично ќе биде и во Северна Ирска, додека Шкотска и Велс се против напуштањето на Унијата.
„Фајненшл тајмс“ пишува дека слична е состојбата и во лондонски Сити, каде дел од банкарите сметаат дека евентуалното заминување на Британија од ЕУ, ќе предизвика масовно „дислоцирање“ на финансискиот сектор од Лондон во ЕУ, додека други проценуваат оти банкарите (тогаш) ќе бегаат од Унијата во Сити, затоа што се против „европската бирократија“.