За прашањето со бегалците не се тргува, туку тоа е прашање на вредности, порача утринава турскиот премиер Ахмет Давутоглу пред клучната средба со лидерите на Европската унија во Брисел од која тој очекува дека ќе се постигне договор за запирање на мигрантскиот прилив од Турција во Европската унија.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, доаѓајќи на денешната средба со претседателите на Европскиот Совет, Доналд Туск, на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и со премиерот на Холандија, Марк Руте, Давутоглу посочи дека Турција и ЕУ имаат заедничка цел да им помогнат на сириските бегалци и дека се надева дека таа цел ќе биде постигната.
Претседателот на турската Влада, утринава прво се сретна со Туск, Јункер и Руте, а попладнево се очекува ним да им се приклучат лидерите на сите 28 земји-членки на Унијата. Инаку, рано изутрина, на Самитот на Европскиот совет, ЕУ-лидерите договорија заедничка позиција, но не и текст на договорот што денеска ќе и биде понуден на Турција за решавање на бегалската криза.
Според информациите од првиот ден на Самитот на Европскиот совет, деветти по ред вонреден што е посветен на бегалската криза, лидерите на 28-те земји-членки ќе се обидат денеска да се заврши принципиелниот договор постигнат на почетокот на минатата недела. Според овој преддоговор од 7-ми овој месец, Турција треба да ги прими сите мигранти на нејзината територија што ќе пристигнат од грчките острови, како и оние кои ќе бидат фатени во турските територијални води.
Турција на мини-самитот со ЕУ на 7. март постави и серија на барања што ЕУ треба да ги исполни за да се дојде до договор. Меѓу овие барања се уште и финансиска помош од дополнителни три милијарди евра од ЕУ (плус оние три милијарди евра ветени минатата година) за Турција да се грижи за сириските бегалци, како и укинување на визите за патување на турските граѓани во Европската унија до јуни оваа година и забрзување на преговорите за членство на Турција во Унијата. Наводно, овие последни два услови биле јаболко на раздорот во рамки на ЕУ, поради кој синоќешниот прв ден од Самитот не донесе договор.
Договорот со Турција за Европската Унија не е едноставен и Унијата е изложена на голем број на критики дека премногу и се дава на Турција, која според европските граѓани користи уцена за да добие што повеќе, знаејќи дека без тоа нема решение за мигрантската криза.