Даунинг стрит 10 одби да го коментира пишувањето на германското политичко списание „Шпигел“ околу иднината на Велика Британија во ЕУ.
Портпаролот на британскиот премиер не сакаше да реагира за текстот на весникот, освен што изјави дека Дејвид Камерон ќе го направи „она што е најдобро за интересите на Велика Британија“, потсетувајќи дека тоа и самиот, на неколкупати го има изјавено.
Ваквата реакција на Кабинетот на Камерон доаѓа по откритието на германскиит неделник дека официјален Берлин и германскиот канцелар Ангела Меркел првпат ја прифаќаат можноста Велика Британија да ја напушти ЕУ.
Според „Шпигел“, германската канцеларка е повеќе подготвена да ја види Велика Британија надвор од Унијата, отколку да се согласи со ограничувањето на правото за слободно движење на работната сила во границите на ЕУ, како што бара Лондон.
Британскиот премиер, притиснат од десното крило во сопствената Конзервативна партија и од евроскептичната Партија на независноста на Обединетото Кралство (УКИП), чиј рејтинг забрзано расте, на неколкупати досега порача дека одново ќе преговара со Брисел за условите под кои Велика Британија би останала и натаму членка на ЕУ, пред да се организира референдум за останување или напуштање на Унијата.
Камерон сега тврди дека токму слободното движење на работата сила и на имигрантите од ЕУ е централното прашање на преговорите со Брисел. Но германскиот весник, повикувајќи се на неименувани високи функционери во Берлин, тврди дека Меркел е на позиција дека ако треба ќе ја повлече подршката за британското останување во Унијата.
Ставот на Германија е категоричен околу тоа дека не смее да се дозволи уривање на основните принципи на кои се темели ЕУ, а тоа е слободата на двиѓењето на луѓето и на работата сила во границите на Унијата.
Лондонските медиуми претходно тврдеа дека Берлин „има разбирање“ за некои од британските барања за реформирање на ЕУ и за видоизменување на лисабонската спогодба, посебно кога станува збор за враќањето на некои од овластувањата што земјите-членки му ги имаат отстапено на Брисел. Објаснувањето беше дека Камерон не е осамен и дека околу ова се согласуваат и Холандија, Шведска и Австрија, но германското „разбирање“ не се однесува на основните начела врз кои се темели евоинтреграцијата.
Официјален Берлин веќе одбил да прифати квота за ниско образованите кадри, како ЕУ имигранти, откако стана јасно дека британската влада планира да го забрани влезот на европските имигранти доколку немаат работа во Велика Британија, како и правото да се депортираат оние кои не може самите да се издржуваат.
Засега, Велика Британија е осамена околу нејзините барања за радикално реформирање на ЕУ, а посебно на нејзините принципи. Помалите земји-членки и сите оние од источните делови на Европа се категорично против британската позиција. Франција, која традиционално е со Берлин, играјќи ја улогата на „моторот на ЕУ“ во овој случај се противи на излегувањето на Велика Британија од Унијата.
Иако Париз и Лондон често се во судир околу некои од европските прашања, ставот на Франција е дека Велика Британија и е потребна на ЕУ и на Европа, не само поради интересите на Унијата, туку и за да се одржува политичкиот баланс кон економски и политички се помоќната Германија.
Британските парламентарни избори се одржуваат за околу шест месеци, па на британската политичка сцена европските работи и форсираниот евроскептицизам се претвораат во главното политичко прашање за земјата. Угледниот конзерватувен политичар Кенет Кларк, министер во владите на Маргарет Тачер, Џон Мејџор и Дејвид Камерон, сепак, застана во одбрана на имигрантите од земјите на ЕУ.
– Ако Британија сака да постои единствен пазар во ЕУ и да се натпреваруваме со САД, Кина и другите големи светски економии, нам ни е потребно слободно движење на работната сила во рамките на Унијата„ изјави Кларк кој е еден од ториевци кои не се евроскпетици.