Кабинетот на британскиот премиер Дејвид Камерон, во Даунинг стрит 10, денеска демантираше дека апсењето на претседателот на сеирската партија Шин Феин, Џери Адамс, е „политички мотивирано“.
Станува збор за сосема независна, полициска акција, за една истрага која извесно време е во тек, изјави портпаролот на Даунинг стрит 10, но одби да открие кога кабинетот на премиерот и тој самиот дознале за полициската операција на водечкиот политичар меѓу републиканците, католици во Северна Ирска.
Портпаролот само забележа дека Камерон и Адамс последен пат се сретнале и разговарале во јуни 2011 година, кога британскиот премиер го посети северноирското собрание во Белфаст.
Реакцијата на Даунинг стрит 10 доаѓа по изјавата на заменик лидерот на Шин Феин, Мери Лу Мекдоналд, која апсењето на партискиот лидер го оцени како „политички мотивирано“. Во кусата изјава таа рече дека единствената цел на апсењето е да им се „наштети на угледот на партијата и посебно на нејзиниот лидер“ во јавноста.
Адамс беше приведен доцна синоќа и ноќта беше заддржан на сослушување во полициската станица во Антрим, откако еден поранешен припадник на паравоената Ирска републиканска армија (ИРА) изјавил дека сегашниот лидер на Шин Феин „имал улога во наредбата“ да се ликвидира Џин Меконоли во 1972 година.
Џин Меконоли (37), вдовица и мајка на десет деца, беше грабната од својот дом во Белфаст, пред очите на своте деца, и одведена во непознат правец. Без никакво сослушување, на тајно место таа била ликвидирана со еден куршим испукан во задниот дел од главата, затоа што била обвинета дека е поткажувач за британаката армија во Северна Ирска, во годините на насилства и судири меѓу републиканците католици и протестантите унионисти.
Нејзиното тело е закопано на една плажа во Република Ирска и повеќе од 40 години не е откопано.
Ликвидацијата на Меконоли, која погрешно е обвинета за шпионирање против ИРА, е едно од најпознатите убиства во Северна Ирска, но досега никој не е осуден за ова злосторство.
Еден 77 годишен поранешен припадник на ИРА беше обвинет дека „помагал“ при ликвидацијата на жената, а други петмина беа испрашувани од полицијата.
Семејството на Меконоли го поздрави решенето на полицијата да го уапси и да го испитува Адамс. Тие велат дека единствено сакаат да ја дознаат вистината за ликвидацијата на нивната мајка.
Џери Адамс и порано и сега категорично отфрла секаква одговорност за убиството.Во посебно соопштение пред да биде уапсен,тој изјави дека самиот отишол да даде изјава во полицијата и не бил приведен од полициските сили. Во соопштението тој вели дека она што е направено со жената е „максимално погрешно“.