Данците на референдум ќе се изјаснуваат за заедничка одбранбена политика со онаа на ЕУ

Од:

После 30 години надвор од заедничката одбранбена политика на Европската унија, Данска на референдум утре ќе одлучува дали да ја напушти досегашната политика на изземање.

Резултатите од последната анкета објавени во неделата покажуваат дека повеќе од 65 отсто од 4,3-те милиони гласачи во земјата се очекува да гласаат за отфрлање на изземањето.

Но, аналитичарите се внимателни, бидејќи се очекува низок одѕив во земја која често гласа „против“ натамошна интеграција во Европската Унија, последен пат во 2015 година.

„Ние секогаш мораме да го дадеме својот глас кога се гласа. Со цело срце верувам дека мора да гласаме за. Во време кога треба да се бориме за безбедноста во Европа, треба да бидеме пообединети со нашите соседи “, повика премиерката Мете Фредериксен при последното нејзино телевизиско појавување пред референдумот.

Данска е членка на ЕУ од 1973 година, но во 1992 година беше против трансферот на поголеми овластувања на Брисел, кога 50,7 отсто од Данците го отфрлија Договорот од Мастрихт, основачкиот договор на Унијата. За да стапи во сила тој мораше да биде ратификуван од сите земји-членки. За да ги убеди Данците да го поддржат договорот, Копенхаген преговараше за серија исклучоци и Данците конечно го поддржаа „Мастрихт“ во 1993 година. Данска остана надвор од единствената европска валута отфрлајќи го еврото на референдумот во 2000 година, како и од заедничките политики на унијата во областа на правосудството, на внатрешните работи и на одбраната.

Изземањето од одбраната значи дека оваа скандинавска земја што е една од основачките на НАТО, не е дел од заедничката надворешна политика на ЕУ кога е во прашање одбраната и не придонесува во воените мисии на Унијата. Данска е единствената земја која преговараше за изземање од заедничката одбранбена политика, иако Малта „де факто“ е надвор од тоа. Копенхаген досега 235 пати го искористил изземањето.

Референдумот за напуштање на практиката на изземање беше распишан две седмици по руската инвазија на Украина и по постигнатиот договор меѓу премиерката и повеќето партии во данскиот парламент (Фолкетинг). Фредериксен исто така ги објави плановите за зголемување на инвестициите во одбраната до два отсто од БДП до 2030 година, согласно заложбите на НАТО.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он