Комитетот на ОН во средата прифати резолуција со која се повикува прекршителите на човековите права во Северна Кореја да бидат изведени пред Меѓународниот суд за злосторства (МСЗ). Комитетот исто препорача одредени санкции против тие лица. Резолуцијата ќе биде ставена на гласање на Генералното собрание на ОН следниот месец.
ОН секоја година од 2005 наваму прифаќа резолуции со кои се осудува кршењето на човековите права во Северна Кореја, но ова е прва легална основа која е подготвена за службени лица во Северна Кореја, меѓу кои и за лидерот Ким Јоун-ун да застанат пред трибуналот на МСЗ. Резолуцијата испраќа сигнал дека меѓународната заедница ќе користи акции наместо зборови за да ја притисне Северна Кореја за да ја подобри ситуацијата со човековите права во земјата.
Но резолуцијата потоа мора да оди во Советот за безбедност на ОН, и шансите тоа да се случи бледеат затоа што се очекува старите сојузници на Пјонгјанг, Кина и Русија, да применат вето. Сепак, резолуцијата нема рок на траење, што значи дека ОН можат да продолжат да вршат притисок врз Северна Кореја ако не ги подобри условите во земјата. А Кина и Русија нема да можат вечно да го бранат северот.
Северна Кореја од неодамна започна жестока дипломатска активност да го сопрат комитетот на ОН да ја прифати резолуцијата. Плонгјанг веднаш си создаде свој извештај за човековите права дома, кога ОН почна да ја разгледува резолуцијата, па дури и одржа сесија на глобалното тело за да ги изнесе своите тврдења за невиност. Северна Кореја потоа ослободи тројца американски граѓани кои беа држени во изолираната земја.
Овој одговор покажува дека северот навистина се исплаши кога ОН почна да оди кон обвинувања за Ким. Тоа е интересно потсетување за слабите точки на Северна Кореја.
Но во Јужна Кореја веќе десет години законодавците се уште се расправаат околу предлог закон со кој се бара Северна Кореја да биде обвинета за одговорна за кршење на човековите права. Опозициските партии, меѓу кои е и главниот опозиционер Нова политичка алијанса за демократија, стравува дека поминувањето на предлог законот може да го „вознемири“ северот, иако оваа разнебитена земја отсекогаш не била ништо освен држава затвор. Ако Националната асамблеја продолжи да си врти со палците, ќе се соочи со меѓународната критика. Најдобро е Националната асамблеја да го донесе овој закон пред Генералното собрание на ОН да гласа за својата резолуција следниот месец.
Дипломатската мисија на Северна Кореја во ОН се закани дека поминувањето на резолуцијата за состојбата со човековите права во Генералното собрание ќе доведе до „сериозни последици“ и Комисијата за национална безбедност во Северна Кореја се закани дека ќе преземе „радикални чекори“.
Што тоа значи останува нејасно. Северот може да изведе четврта нуклеарна проба, повторно да испали долгодометни ракети или да почне воена провокација со Јужна Кореја. Владата и војската тука треба да ја зголемат својата подготвеност за Северна Кореја конечно да сфати дека и самите можат да се најдат на другиот крај од „сериозните последици“.
Чосун Илбо – Сеул