Иако многумина дури сега првпат се среќаваат со уредите со екрани чувствителни на допир, Predict Gaze е една од неколкуте компании кои сметаат дека иднината лежи во контрола без допир. Бидејќи во повеќето уреди денес има камери, таквата иднина не е тешко да се замисли.
Нивната технологија веќе се тестира во продавниците во Јапонија во кои камерите го следат полот на купувачот и времето на задржување пред витрините со одредени артикли. Сопствениците се надеваат дека добиените информации ќе ја подобрат продажбата доколку артиклите подобро се разместат по продвницата.
Можностите за користење на оваа технологија се големи. Апликацијата може да варира од спречување на децата да гледаат несоодветни телевизиски канали, па до следење на очите и предупредување доколку возачот стане поспан зад воланот на својот автомобил.
Технологијата на оваа компанија ја комбинира можноста за машинско учење и алгоритмите на компјутерската визија во софтверот кои можат да користат и стандардни камери за да определат во кој правец некој гледа, кој пол е лицето, дали се смее и уште многу други работи. Софтверот исто така може да ги препознае и гестовите направени откако ќе се активира одредена активност на уредот.
„Не собравме неколку различни технологии на едно место. Ова многу се разликува од тоа. Ова е само една технологија која може да препознава лице, гестови и погледи“, рече Бањара. Од компанијата велат дека сите информации се процесираат на уредот и оттаму не се испраќаат на одалечени сервери поради процесуирање. Исто така ништо од она што го снима камерата не се чува.