Претседателот на најголемата светска хуманитарна мрежа ја обвини Европа за „двојни стандарди“ кога е во прашање миграциската политика.
– Брзиот прием на Украинците кои бегаат од руските напади го покренува прашањето за „двојниот стандард“ на Европа за мигрантите, што е спротивно на неприфаќањето на луѓето кои бегаат од насилството во Африка, Блискиот Исток и други земји, оцени Франческо Рока, претседател на Меѓународна федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
На прес-конференција Рока рече дека не мисли дека има „некаква разлика“ меѓу маж кој бега од Донбас во источна Украина и човек кој бега од екстремистичката група Боко Харам во Нигерија.
– Оние кои бегаат од насилство, оние кои бараат заштита мора да бидат третирани подеднакво, потенцира Рока.
Тој истакна дека постои „морален императив“ да им се помогне на луѓето кои бегаат од насилство и превирања и дека „политичкиот, социјалниот и хуманитарниот одговор на кризата во Украина покажа што е можно кога хуманоста и достоинството се на прво место, кога постои глобална солидарност“.
– Се надевавме дека украинската криза ќе биде пресвртница во европската миграциска политика, но, за жал, тоа не се случи, рече Рока.
Според проценките на ОН, најмалку 3.668 луѓе се убиени, а 3.896 ранети во Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари. Се верува дека реалниот број на жртви е многу поголем.
Според агенцијата за бегалци при ОН, повеќе од 6,2 милиони луѓе побегнале во други земји, а околу 7,7 милиони се внатрешно раселени.
Извор: МИА