Директорот на ЦИА, Џон Бренан, изјави синоќа дека САД и сојузниците оствариле успех во борбата против Исламска држава (ИД), но очекува таа организација да ја промени тактиката за да надомести за губењето територии.
– За да го компензира губењето територии, Исламска држава ќе се фокусира на герилска тактика, вклучително и големи напади надвор од териториите што се под нивна контрола – изјави Бренан пред Комитетот на САД за разузнавачки активности.
Според негови оценки, десетици илјади џихадисти на ИД се низ светот, повеќе отколку што Ал Каеда имала кога била најмоќна.
Шефот на ЦИА е загрижен поради тоа што Либија сè повеќе станува база за операции на ИД и што таа џихадистичка организација таму има меѓу 5.000 и 8.000 борци. Тој додаде дека и бројот на борци во Ирак и Сирија е меѓу 19.000 и 25.000.
Бренан наведе дека руските воздушни напади ја зајакнале позицијата на сирискиот претседател Башар Асад во однос на истиот период лани.