Познатиот американски лингвист и филозоф, Ноам Чомски во тек на видео конференција во Сијудад во Мексико, рече дека нападите на американските дронови и војни кои ги предизвикал Вашингтон биле најголеми терористички напади во човековата историја.
Во тек на конференцијата пред неколку стотици луѓе на плоштадот Сокало, Чомски ги пофали Венецуела и Боливија како латиноамерикански држави, кои докажале дека е можно да се побегне од 500 години долга колонизација, како и од доминација на САД.
Тој изрази жалење што мексиканската влада спротивно од она што се случува во Јужна Америка, продолжува и понатаму да гледа кон САД и Канада, истакнувајќи дека мексиканските лидери одлучиле да се одалечат од латиноамериканскиот народ.
Пред присутните Чомски ги критикуваше и неколкуте „самоубиствени“ реформи, како реформата од областа на енергетиката, зад која стои претседателот Енрике Пења, која неодамна ја одобри мексиканскиот конгрес. Со таа реформа, секторот за енергетика им ја отвори нафтената и индустријата за гас на приватните компании.
Инаку Чомски кој што е познат како политички активист и критичар на надворешната политика на САД и останатите влади, во својата книга „Нов милитаристички хуманизам“ остро го критикува бомбардирањето на Југославија, бидејќи е во спротивност со меѓународното право и укажа дека хуманитарната трагдија на Косово започнала дури по бомбардирањето.
Е. Г.